Одлични вести од Милано, Ибра полесно повреден - ќе паузира само десет дена

Откако вчера од Милано одекнаа ужасни вести дека Златан Ибрахимовиќ се повредил на тренинг и го очекува пауза од најмалку еден месец, денес клубот излезе со соопштение. 

Милан на својата веб страница ги израдува фановите, бидејќи нагласи дека не се работи за повреда на Ахиловата тетива и паузата на Ибра ќе биде значително помала. 

„Милан потврдува дека Златан Ибрахимовиќ се повреди на вчерашниот тренинг, оштетувајќи го мускулот на десниот лист. Ахиловата тетива е перфектно здрава. По контролата и испитувањата, сметаме дека тој ќе паузира десет дена“, напиша клубот. 

Златан, иако ветеран, дојде во Милан да воспостави ред меѓу младите играчи, што очигледно му појде од рака. Откако пристигна, на теренот можеше да се види многу подисциплиниран колектив, но сепак ниту оваа сезона не е реално да се бара пласман во Лигата на шампионите. 

Ибрахимовиќ по враќањето во јануари запиша десет настапи за Милан, во кои постигна четири погодоци, a еднаш асистираше на соиграчите.