„Одиме на ЕП“ - слушнете дел од навивачката химна на македонската репрезентација (ВИДЕО)

Како што се наближува долгоочекуваното Европско првенство, така фудбалска Македонија ја зафаќа уште поголема еуфорија. 

Момците на Игор Ангеловски испишаа историјата, а во јуни за првпат на еден континентален собир ќе се вее македонското знаме и ќе се чуе македонската химна. По тој повод, Фудбалската федерација на Македонија подготвува неколку изненадувања за македонските фанови, а една од нив е новата химна, именувана како „Одиме на Европско првенство“. 

„Сложни сме и со вас одиме, гласно силно да ве бодриме, нека се тресе сега цела Европа од една силна, моќна Македонија“, се стиховите на дел од новата фудбалска химна.

За разлика од химната која наскоро ќе биде објавена во целост, од ФФМ сè уште во тајност го чуваат дизајнот на репрезентативниот дрес, со кој Пандев и другарите ќе атакуваат на победи на големиот собир.