Одигра само шест меча, освои титула и сега заминува од Баерн

Екипата на Баерн Минхен успеа да ја освои титулата во Бундеслигата, откако по голема драма во последното коло ја „прескокна“ Борусија Дортмунд. Сезоната за Баварците беше навистина тешка и исполнета со турбуленции, но сепак, ја завршуваат со еден важен трофеј во витрините. 

Веќе е најавена „реконструкцијата“ на тимот и извесно е дека неколку играчи ќе го напуштат тимот, а таков е случајот и со холандскиот репрезентативец Дејли Блинд кој во дресот на баварскиот гигант забележа само шест настапи. Дефанзивецот во јануари пристигна во Минхен и потпиша договор до крајот на сезоната, но не успеа да се наметне и да избори место во првиот состав. 

Тренерот Томас Тухел веќе му соопштил на играчот дека среќата ќе мора да ја побара во друг клуб, а заминувањето на Блинд е логичен чекор на управата која сака сериозно да го промени тимот за следната сезона. Холанѓанецот во својата кариера играше за Ајакс, Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен, а во дресот на „црвените ѓаволи“ одигра 90 натпревари и постигна четири голови. 

Холандските медиуми веќе шпекулираат дека Блинд би можел по трет пат да се врати во Ајакс, но фудбалерот наводно има понуди и од клубови од Шпанија, Германија и Италија. 33-годишниот Дејли Блинд беше еден од најдобрите леви бекови на својата генерација и потекнува од школата на Ајакс, која е убедливо најдобра во Европа. За репрезентацијата на Холандија настапи на 101 натпревар и постигна три гола.