Од втора лига, до европска ѕверка: Новата гол машина има страшни бројки!

Ако Ерлинг Халанд беше хит меѓу европските голгетери минатата година, во оваа имаме нов феномен. Доаѓа од земјата на Златан Ибрахимовиќ, тоа е Шведска. Се работи за Виктор Ѓекереш кој блеска во дресот на Спортинг Лисабон.

Швеѓанецот минатата сезона играше во англиската Чемпионшип лига каде го носеше дресот на Ковентри, а од оваа го носи дресот на португалски Спортинг Лисабон. Трансферот чинеше 21 милиони евра, а управата може да заработи добро ако се реши да го продаде.

Статистиката за играчот од Стокхолм е неверојатна, затоа што досега има 40 гола во сите натпреварувања. Ако ги вброиме и асистенциите кои се вкупно 16, добиваме импресивен податок дека Ѓекереш е виновник за 56 гола на Спортинг од оваа сезона.

Вредноста на играчот порасна и се проценува на 55 милиони евра. За него има интерес од повеќе европски клубови, претежно од Премиер лигата, па останува да видиме дали Ѓекереш ќе го направи трансферот на кариерата по крајот на оваа сезона во која се очекува Спортинг да биде нов шампион на Португалија.