• Горан Упале
Екипата на Порто извојува херојска победа над Арсенал во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. Португалскиот вицепрвак му покажа заби на фаворитот од Англија, а до големиот триумф стигна во самата завршница, кога Галено постигна вистински гол-убавец за конечни 1-0 (0-0).
- Извештај од натпреварот:
Микел Артета, менаџерот на лондончани, одново во стартниот тим немаше класичен напаѓач. Бразилецот Габриел Хесус е повреден, а Каи Хаверц ја имаше улогата на „лажна деветка“, но затоа офанзивата беше засилена со Тросар, кој им правеше друштво на Сака и Мартинели. Сепак, офанзивната поставеност на „топџиите“ не донесе резултат во првиот дел на „Драгао“, иако статистиката беше на нивна страна.
Порто организирано се бранеше, дефанзивците на Серџо Консеисао и овој пат докажаа дека јавноста со право смета дека Порто ја има една од најорганизираните одбрани во Лигата на шампионите, но и офанзивата на португалскиот тим не беше на посакуваното ниво. Особено се мисли за бразилското крило Галено. Во 21. минута 26-годишниот офанзивец, кој оваа сезона има четири гола и четири асистенции во Лигата на шампионите, забележа две неверојатни промашување. При првиот удар ја стресе стативата, а откако топката му се врати, биеше уште еднаш, но повторно не ја погоди целта.
На полувреме се замина со почетниот резултат, а ништо не се промени ниту во вториот дел. Двете екипи имаа по неколку шанси, но ниту една не беше за издвојување. Но, така беше до четвртата минута од судиското надополнување, кога токму Галено од многу потешка ситуација од оние во првото полувреме постигна спектакуларен гол и донесе огромна радост на трибините и победа на својата екипа (1-0).
На „Емирати“ за три недели ќе се одлучува патникот меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите.