• Иван Димовски

Фудбалската репрезентација на Камерун е последната африканска која ќе патува на Мундијалот во Катар, откако ја доби драмата против Алжир со 1-2 (0-1). На стадионот „Мустафа Чакер“ во Блида се играа повеќе од 120 минути фудбал, ВАР собата двапати му поништуваше гол на Слимани, Туба во завршницата ги израдува домашните фанови, а потоа следеше шок.
- Извештај од натпреварот:
Алжирците имаа предност од гостувањето во Камерун, ама истата беше бргу анулирана преку Ерик Чупо-Мотинг кој во 22. минута погоди за гостинска предност од 0-1. Во продолжението домаќинот притискаше и беше подобар, на стартот на вториот дел Ислам Слимани првпат ја стресе мрежата, но голот не важеше поради офсајд. Откако дуелот заврши со 0-1 по регуларниот дел, следеа продолженија.
Во 98. минута од натпреварот Слимани повторно стрелаше за Алжир, ама овојпат имаше игра со рака и голот пак не важеше. Вистински делириум се случи во 118. минута од дуелот, кога Гезал му асистира на Туба кој стрела за 1-1, резултат кој го водеше домаќинот во Катар. Сепак, кулминацијата се случи во 124. минута. Алжир се бранеше, Камерун притискаше, а по едно нафрлување Нгаде спушти топка со глава на петерецот, па Карл Токо Екамби ја смести во мрежата за 1-2 и огромно гостинско славје.
Диаметрално, Алжирците беа во неизмерно разочарување, тага и болка, селекторот Џамел Белмади дури падна како покосен и во неверување по лудата завршница.