Од историски најголем буџет до Втора лига – грешките кои не треба да се повторат! 

Екипата на Пелистер во новата сезона ќе се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига. Оваа реченица сигурно била незамислива пред една година, затоа што најавите беа многу охрабрувачки, оптимистички и позитивни. Со историски највисок буџет досега, еден милион евра, наместо битка за Европа, битолчани добија ново разочарување и следната сезона ќе го бодрат својот миленик во второлигашкото друштво. 

Минатото лето дојде до промена на раководните структури. На чело дојде нова управа, која несомнено имаше добра намера и внесе нова енергија во клубот, пред сè со најавите за високиот буџет, но и за големите промени кои што требаше да следуваат во структурите на клубот, како и во академијата. Една година после тоа – наместо сигурно место на брегот, клубот заглави во уште понемирно море.

Во фудбалот често пати парите не се некој фактор, впрочем тие не носат бодови на фудбалскиот терен – туку визијата, системот, филозофијата, сплотеноста... Факт е дека оваа сезона беше можеби најтешката во домашниот шампионат, пред сè поради промените во форматот, но тоа не треба да биде алиби или причина за неуспехот на битолскиот колектив.

Пелистер како да не ги научи лекциите од претходно и оваа сезона повторно менуваше тренери како тоа да е најнормална работа. Почна со еден, кој добил одврзани раце на трансфер-пазарот, па истото се случи и со вториот тренер во јануари, за на крај трет тренер да проба да го „гасне пожарот“.

Марјан Секуловски многупати и претходно покажал колку му значи Пелистер, и прифати работа која што ретко кој би го направил тоа. Токму под негово водство почна да се гледа светлината во долгиот тунелот, но ниту неговиот метод на работа, кој бара голема жртва и дисциплина, не успеа да го поправи она што неговите претходници го расипаа и за жал неговото име ќе биде запишано во негативен контекст во историјата на клубот. Мане не го заслужи тоа! 

Она што отвори најмногу дилеми кај битолската фудбалска јавност е изостанувањето на спортски сектор во клубот. Во модерниот фудбал токму функцијата спортски директор е една од најважните, ако не и најважна во управувачкиот сектор. Без добро поставени темели, односно вистински спортски директор во визија, успесите во еден фудбалски колектив се речиси невозможни.

Впрочем, токму Пелистер е доказ за тоа. Пред сезоната беа доведени еден тип на фудбалери, кои потоа не се совпаднаа во филозофијата на новиот тренер. На неколкумина им беа раскинати договорите (за тоа клубот плати пенали), и беа доведени нови, на барање на вториот тренер, но ниту тие не го покажаа она што се очекуваше од нив. На крај Мане мораше да се потпре на домашни и проверени сили, а некои од нив за жал не го издржаа притисокот до крај и потфрлија кога најмногу беше потребно. За волја на вистината, кога сме кај спортскиот сектор во минатото на ова поле клубот беше многу подобро организиран, иако буџетот не беше ни приближен на овој. 

За крај, проблемите во битолскиот фудбал не се само во првиот тим на Пелистер, тие се многу подлабоки, а овој неуспех не треба да се сфати толку болно, туку нека биде еден вид поука за грешките да не се повторуваат во иднина. Сега, пред битолските власти е можеби најтешката одлука на спортски план, затоа што клубот ќе треба да го остават на човек кој знае како да го врати сјајот на Пелистер. Такви можеби се малку во Битола, но дефинитивно ги има и нивното знаење мора да се искористи.