Од исходот на мечот Лихтенштајн - Велс зависи дали реми ќе ни биде сојузник во Кардиф!

До крајот на квалификационата група во која е македонската репрезентација преостануваат само уште четири натпревари, по кои ќе се знае пласманот на првите три позиции, бидејќи извесно е дека Казахстан е четврти, а Лихтенштајн петти.

Нашата селекција во моментов е на втората позиција со 13 бода од седум одиграни натпревари и гол-разлика 12-3 (+9), додека Велс е трет со 10 бода и еден натпревар помалку од Македонија, со гол разлика 13-10 (+3). Сепак, гол-разликата сигурно ќе се промени по одигрувањето на натпреварот Лихтенштајн - Велс. На Велшаните им треба победа од шест или  повеќе голови разлика, за во последното коло против Македонија да влезе со нерешен резултат како сојузник во битката за второто место. Белгија ги има адутите во свои раце и со победи против Казахстан и Лиштенштајн, па дури и со четири бода од овие два натпревари ќе се квалификува на Светското првенство. 

Ако биде второпласирана во групата Македонија ќе влезе како носител во баражот и ќе избегне номинално посилни противници. Ако не успее да го задржи второто место тимот на Милевски се надева дека ќе биде меѓу повластените кои од Лига на нации ќе играат бараж, но во тој случај нема да ја има улогата на носител во ждрепката.