Од готово, вересија: Три пенали, од кои еден над голманот – Ц. Звезда елиминирана од ЛЕ (ВИДЕО)

Црвена Звезда имаше амбиции за Лигата на шампионите, но падна во најниското натпреварување на УЕФА, откако по продолженијата на чудесен начин загуби од Викторија Плзен со 5-1 (4-1). На првиот натпревар во Белград, резултатот беше 3-0 за Црвена Звезда. 

  • Извештај од натпреварот:

Викторија Плзен поведе во осмата минута преку Аду, но Црвена Звезда експресно возврати и само три минути подоцна преку Мирко Иваниќ израмни на 1-1. Во второто полувреме домашните имаа огромна шанса повторно да поведат, но Аду не реализираше пенал во 51. минута. Само две минути подоцна Букари заработи директен црвен картон и домашниот тим доби нова шанса од белата точка, а Висински беше прецизен за 2-1.

Чешкиот тим продолжи да притиска и во 63. минута преку Хросовски стигна до 3-1, а кога се очекуваше крај на натпреварот и пласман на српскиот шампион, Викторија Плзен доби трет пенал. Овој пат фаулиран беше голманот Флоријан Вигел, кој за еден корнер се пресели во спротивниот шеснаесетник, а сигурен реализатор беше нововлезениот Кабонго. 

Дуелот во Чешка влезе во продолженија, а по само шест минути игра Крчик го совлада Матеус и домаќинот за првпат се најде во предност во овој двомеч (5-1). Фудбалерите на Црвена Звезда немаа што да загубат и со сите сили тргнаа во напад, но со играч помалку беше тешко да се пробие одличната одбранбена зона на домаќинот и Викторија Плзен заслужено патува во Лигата на Европа, додека српскиот тим ќе игра во Конференциската лига.