„Од десетте најлоши натпревари на ЕП, Англичаните играа на седум – тие беа ужасни“

Поранешниот германски фудбалер Дитмар Хаман ја критикуваше репрезентацијата на Англија. Избраниците на Герет Саутгејт загубија од Шпанија со 1-2 во финалето на шампионатот и со тоа вторпат по ред останаа без трофејот наменет за европскиот првак.

 „Ужасен фудбал. Од десетте најлоши натпревари на турнирот, Англија играше на седум од нив. Не знам зошто Хари Кејн не се движи. Губеа во секој натпревар од нокаут фазата", изјави Хаман.

Играчот кој забележа 59 настапи и постигна пет гола за Германија, со која загуби од Бразил (0-2) во финалето на СП 2002 година, дополнително ја објасни играта на Англичаните.

„Замислете овој тим да води во еден натпревар. Замислете да играте со Фил Фоден и потоа да влезе Гордон. Англија има врвни играчи на клупата за да го подигне темпото. Но, тие немаа шанса да го покажат тоа, бидејќи Саутгејт инсистираше да започне со Белингем и Кејн“, додаде некогашниот ас на Ливерпул.

Англија второ Европско првенство губи во финалната пресметка, откако пред три години на својот „Вембли“ по пеналите загуби од Италија.