ФОТО: Од Данска во Кочани во 1994 до Шкотска во Скопје во 2016!

Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година од дванаесеттиот обид, по дванаесет квалификациски циклуси конечно успеа да се пласира на една завршница од Европското првенство. Избраниците на Благоја Милевски вчеравечер со победата над Шкотска (2-0) си обезбедија билет за собирот во Полска идното лето.

Првиот официјален натпревар за оваа возрасна категорија на фудбалери, во независна Македонија, оваа селекција го имаше 1994 година во Кочани кога на 7 септември во рамките на квалификациите за пласман на ЕП 1996 година во Шпанија ја совлада селекцијата на Данска со резултат од 5-3. Oва беше првиот официјален натпревар на домашен терен за која било репрезентација на Македонија.

Вториот меч од овие квалификации се одигра во Битола каде што Шпанија како гостин славеше минимално со резултат од 0-1. Тие деби квалификации ги завршивме на четвртото место во групата 2, зад Шпанија, Белгија и Данска, но пред Кипар и Ерменија, со ефект од четири победи, едно реми и шест порази, што беше до овие квалификации најдобар ефект. Селектор на тогашната репрезентација беше Јово Никушев, а дел од репрезентативците беа Гоце Седлоски, Гого Јовчев, Срѓан Захариевски, Ѓорѓи Христов и други.