• Горан Упале
Фудбалскиот клуб Војводина доби големо име во својот спортски сектор. Прославениот југословенски и српски репрезентативец Владимир Југовиќ официјално беше претставен како нов спортски директор на новосадскиот клуб.
Југовиќ својата прва средба со јавноста во новата улога ја имаше во спортскиот центар „Вујадин Бошков“, каде што зборуваше за плановите, одговорноста која ја презема, трансферите и развојот на младите фудбалери.
Поранешниот ас на Црвена Звезда, Интер, Јувентус и Лацио веднаш откри која е неговата главна цел, Војводина во иднина да биде дел од европската сцена.
„Би му се заблагодарил на клубот со богата традиција за укажаната доверба и за големата одговорност. Запознаен сум со работата на системот, верувам во проектот и за мене ова е голем спортски предизвик. Целта е во еден период да играме во Европа“, изјави Југовиќ.
Неговото враќање во српскиот фудбал, сепак, има и силна емотивна страна. Југовиќ истакна дека по повеќе децении повторно сака да му помогне на фудбалот од кој потекнува, користејќи го огромното искуство стекнато во текот на блескавата играчка кариера.
„Српскиот фудбал многу ми даде во кариерата и почувствував обврска да се обидам да му вратам нешто. Тоа е еден од главните мотиви за моето враќање“, порача новиот спортски директор на Војводина.
Југовиќ сега ќе има задача своето богато искуство од најголемите европски клубови да го пренесе во работењето на Војводина и да помогне новосадскиот клуб да направи чекор напред.

