Од Баерн незадоволни од одлуката на Лев: Револтирани сме, зошто сега го направи ова?

Пред два дена германскиот селектор Јоаким Лев приреди огромно изненадување за фановите на „панцирите“, откако реши да се ослободи од тројцата искусни фудбалери на Баерн Минхен, Жером Боатенг, Матс Хумелс и Томас Милер.

Мислењата кај германските фанови се поделени за оваа одлука на Лев, а со свој став излезе и шампионот Баерн Минхен. Преку соопштение до јавноста Баварците го искажаа своето незадоволство од оваа одлука на Лев, сметајќи дека истата е донесена во време кога најмногу му штети на клубот.  

„Селекторот Лев реши повеќе да не смета на нашите играчи Милер, Хумелс и Боатенг. Како клуб не сакаме да коментираме одлуки на селекторот и неговиот избор на фудбалери, за кој е одговорен само тој. Меѓутоа стоиме зад тоа дека оваа одлука е донесена во погрешно време и директно нè засега. Германија скоро четири месеци не одиграла официјален натпревар, а Лев оваа одлука ја носи во моментите кога на нашиот тим најмногу му е потребен мир. Треба да играме клучни мечеви во Бундеслигата и Лигата на шампионите, а наместо да мислиме за тие дуели, сите зборуваат за нивното изостанување. Не е фер“, велат од германскиот шампион. 

Селекцијата на Германија кон крајот на март ќе тестира со Србија, а потоа го игра големото дерби од квалификациите против Холандија.