Очекуван потег: Влахо си поднесе оставка од кормилото на Работнички

Работнички го загуби мечот со Струга Трим Љум и падна на последната позиција на табелата во Првата фудбалска лига, а тоа доведе и до разделба со шефот на стручниот штаб, Александар Влахо. Тој понуди оставка, а раководството на клубот ја прифати.

„Како морален чин, како тренер и спортски работник, чувствувам морална одговорност дека Работнички по десет одиграни кола се наоѓа на позиција на табелата која не ја заслужува. Од тие причини, понудив оставка до раководството на клубот. Морам да истакнам благодарност до претседателот Драган Поповски за овозможените услови за работа, за професионалниот, фер и коректен однос со сите во клубот, од раководството, преку фудбалерите до сите вработени. Се надевам дека Работнички брзо ќе излезе од оваа резултатска криза и дека ќе се најде на позициите кои ги заслужува“, изјави досегашниот шеф на стручниот штаб, Александар Влахо.

Раководството на клубот ја прифати оставката на Александар Влахо и му понуди да остане во клубот со друга функција. Како привремено решение, тимот ќе го предводат Марјанчо Андрески и Славчо Георгиевски.

„Прифатена е оставката на Александар Влахо. Јасно е дека Работнички не ги исполни целите на стартот од сезоната и по десет кола се наоѓа на последната позиција на табелата. Не е виновен само шефот на стручниот штаб за лошите резултати, некогаш и среќата игра голема улога, а и други околности, но тој е првиот што секогаш понесува одговорност. Ценејќи ги професионалните и човечките квалитети на Александар Влахо, Работнички му понуди да остане дел од клубот со функција која допрва ќе биде допрецизирана“, изјави претседателот Драган Поповски.

Работнички в среда му гостува на Шкупи во рамките на 11. коло од Првата фудбалска лига.