• Саше Љолес
Управата на бундеслигашот Бохум реши да направи сериозни промени по серијата очајни резултати и за нов тренер го назначи искусниот Дитер Хекинг, кој потпиша договор до крајот на актуелната сезона.
Целта на Хекинг ќе биде да го крене тимот од ужасната форма и да обезбеди опстанок во елитата, а во договорот има клаузула за продолжување на соработката за уште две години. Бохум во моментов е последен на табелата и има само еден бод од девет натпревари, а пред само неколку дена загуби со огромни 7-2 на гостувањето во Франкфурт кај Ајнтрахт.
Новиот тренер за првпат ќе седне на клупата на следниот меч против Баер Леверкузен. Во кариерата има еден Куп-трофеј со Волфсбург во 2015 година, а последен ангажман во Бундеслигата му беше пред пет години, кога го предводеше тимот на Борусија Менхенгладбах.