ВИДЕО: Очаен финиш на Челзи, „светците“ откинаа бод кај фаворитот од Лондон

Фудбалерите на Челзи испуштија победа во самиот финиш на дуелот со Саутемптон (3-3) одигран на „Стемфорд Бриџ“ во рамки од петтото коло во Премиер лигата. Фаворитот имаше солидна предност по половина час игра, но до крајот одигра опуштено и пропушти да ја запише третата сезонска победа.

  • Извештај од натпреварот: 

Засилувањето од РБ Лајпциг, Тимо Вернер, двапати се запиша во листата на стрелци и ги постигна дебитантските погодоци во премиерлигашката елита. Голгетерот покажа светска класа и со соло-акции успеа да го надмудри МекКарти за почетни 2-0.

Пред паузата погоди Ингс за да ја задржи неизвесноста во мечот. Уште поинтересно беше кога Кепа направи нова грешка и му овозможи на Адамс да израмни (2-2). 

Сепак, шокот траеше само неколку минути, бидејќи Каи Хаверц по еден час игра се чинеше дека го постави конечниот резултат. При голот несебично му асистираше неговиот сонародник Вернер.

Но, ниту тоа не беше доволно за тимот на Френк Лампард. Вестергард го шокира лондонскиот клуб во надополнувањето, со еден удар со глава по прецизен центаршут од десната страна (3-3). Саутемптон ја продолжи серијата без пораз, по воведните два неуспеси во сезоната, а Челзи пропушти можност да се искачи во самиот врв на табелата.