Обложувалниците го кажаа своето: Изненадувачки прв фаворит за трофејот на ЕП 2020

ЕП фаворити

По вчерашната ждрепка за групната фаза на Европското првенство 2020, обложувалниците ги извадија коефициентите за најголемите фаворити за титулата.

На врвот изненадувачки најголеми шанси ѝ се даваат на Англија на Герет Саутгејт. Потоа следуваат Белгија, светскиот првак Франција, Холандија и Шпанија.

Бранителот на титулата Португалија е дури осми фаворит, а најмали шанси, од веќе пласираните 20 репрезентации добива Исланд.

Турнирот наредното лето за првпат ќе се одржи во градови домаќини и тоа од 12 јуни до 12 јули. За првпат ќе се користи ВАР-технологијата, а остануваат само четири празни места, кои ќе бидат познати по плеј-офот во Лигата на Нации.

Македонија се надева дека за првпат ќе има можност да се надигрува со европската елита. За тоа да го направи ќе мора да го елиминира Косово, а потоа во финалето или Грузија или Белорусија.

Доколку стигне до групната фаза, нашата сениорска репрезентација ќе игра во групата Ц, а доколку пласман обезбеди Романија, која е домаќин, ќе мора да се префрли во „групата на смртта“ заедно со Франција, Германија и Португалија.