Оби Микел против Аргентина го имал најтешкиот меч во животот: Татко ми го држеа бандити...

Нигерискиот фудбалер Џон Оби Микел откри дека на мечот против Аргентина чувствувал голем страв и едвај играл, затоа што неговиот татко бил киднапиран и му се заканувале дека ќе го убијат.

Таткото на „десетката“ на Нигерија бил киднапиран во татковината, а киднаперите барале пари од фудбалерот и соопштиле дека ако некому соопшти дека татко му е заложник, тогаш ќе го убијат.

„Играв додека татко ми беше во рацете на бандити. Дознав четири часа пред стартот на мечот, но морав да стиснам заби и да се борам со траумата. Бев дезориентиран на теренот, емотивно истрошен, но морав да играм затоа што не сакав да разочарам 180 милиони Нигеријци. Само најблиските знаеја што се случува. Киднаперите ми кажаа дека ако кажам некому, на пример на федерацијата или на полицијата, ќе го убијат татко ми. Сакав да му кажам на тренерот што се случува, но едноставно не смеев“, вели Микел.

Полицијата успеала по мечот да го пронајде местото на киднаперите и со акција да ја разбие групата и да го ослободи таткото на некогашниот фудбалер на Челзи.