ОБЕДИНУВАЊЕ: „Комити“, „Чкембари“, „Војводи“... за Македонија против Косово!

Навивачките групи од Македонија одржаа состанок во Тетово и донесоа одлука за заедничка иницијатива, за поддршка на македонската фудбалска репрезентација на дуелот против Косово во рамки на плеј-офот од Лигата на нациите.

Македонија има историска шанса да игра на едно фудбалско ЕП, а навивачите според најавите ќе се обединат и ќе му дадат поддршка на националниот тим. Информацијата ја споделија „Комитите“, инаку навивачи на најтрофејниот клуб Вардар.

„По денешната средба во Тетово известуваме дека се приклучуваме на заедничката иницијатива за поддршка на историскиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија против Косово. На состанокот на кој се донесе историска одлука покрај нас присуствуваа Чкембари, Лозари, Војводи, Рибари, Паткари, Гемиџии Гостивар, Фаланга, Лебари, Гемиџии Велес, Ултра банда, Сејмени, Ѓаоли... Средбата заврши со заедничка хуманитарна акција (донирање облека) во црквата Свети Кирил и Методиј. За Македонија единствени!“, стои во дописот.

Дуелот меѓу Македонија и Косово се игра на стадионот „Тодор Проески“, во март. Победникот од овој натпревар ќе игра финале за ЕП 2020, против Грузија или Белорусија.