Обединетото Кралство и Ирска со заединичка кандидатура за ЕП 2028

Веројатно домаќинството на финалето на Европското првенство ѝ се допадна на Англија, па сака во блиска иднина пак да биде домаќин на голем собир. Се работи за Европското првенство во 2028 година, за кое е претставена заедничка кандидатура.

Имено, според најавата на „Скај Спортс“ членките на Обединетото Кралство: Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска, во комбинација со Република Ирска испратиле документи за заедничка организација на континенталниот собир. Откако Европското првенство минатата година успешно беше организирано ширум Европа, Британците и Ирците дојдоа до оваа идеја. 

Петте фудбалски асоцијации потврдија дека сакаат да бидат домаќини на собирот во 2028 година. Иако се споменуваа скандинавските земји како потенцијални организатори на ова Европско првенство, во моментов Обединетото Кралство и Ирска се поблизу до целта. 

Следниот евро-шампионат е закажан за 2024 година во Германија, а потоа веројатно ќе се прејде на модел со повеќе домаќини.