ВИДЕО: Нзонзи херој, Севиља со два гола за четири минути избегна пораз од Виљареал!

По елиминацијата од Баерн Минхен во четвртфиналето на Лигата на шампионите, шпанска Севиља продолжи да реди неуспеси и на домашна сцена, откако денес во рамки од 32. коло на Примера, одигра само 2-2 (0-1) против Виљареал

Со ова реми со директниот конкурент за излез во Лига Европа, Андалузијците полека се доближуваат од шестата позиција, а европска есен ќе можат да обезбедат и преку Купот на Кралот, каде на 21 овој месец го играат финалето со Барселона

Избраниците на Винченцо Монтела започнаа силно и офанзивно, запишаа неколку полушанси, но во 36. минута беше затресена нивната мрежа. По десната страна прецизен центаршут испрати Саму Кастиљехо, а на нафрлената топка налета Даниел Раба и со прецизен удар со глава го совлада домашниот голман. 

По примениот гол Севиља никако не можеше да ги консолидира своите редови, а дополнителен проблем му направи напаѓачот Висам Бен Једер, кој заради приговор и гестикулација со рацете заработи два жолти картони за само една секунди и предвреме го заврши мечот. Гостите бројчената предност веднаш ја искористија и во 69. минута Карлос Бака зголеми на 0-2. 

Домаќините во 77. минута можеа да стигнат до намалување на негативата, но пеналот на Нолито, одлично го одбрани Асенхо, но само една минута подоцна некогашниот член на Манчестер Сити по одлична соло акција го совлада гостинскиот голман (1-2). Голот на Нолито како да им даде крилја на момците на Монтела, па по само четири минути Стивен Н'Зонзи постигна вистински гол-убавец за конечни 2-2.