• Иван Димовски

Фудбалерите КуПС со победа од 0-2 заминуваат од Скопје по мечот со Вардар во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите.
По мечот на средбата со новинарите младиот тренер Мика Нутинен беше задоволен од одиграното на својот тим.
„Задоволен сум од резултатот и нашиот перформанс. Не беше лесно, ама бевме дисциплинирани и успеавме да одиграме како што сакавме. Одбранбено бевме добро поставени и креиравме доста во нападот. Постигнавме два гола кога беше најважно, па среќен сум за резултатот. Мора да запаметиме дека ова е само полувреме.
Вардар на тактичко ниво беше каков што очекувавме. Ние бевме добри, мора да се почитува противникот. Има доста играчи кои можат да не загрозат ако ги потцениме и се опуштиме барем за момент. Мислам дека денес првиот гол беше најважен. Натпреварот беше отворен до тој момент, а потоа ние презедовме контрола врз играта. Не сакам да зборувам за противникот и неговите можности, само сум задоволен од своите играчи“, изјави Нутинен.
Возвратниот натпревар меѓу КуПС и Вардар во Финска се игра наредниот вторник во терминот од 17:00 часот.

