• Иван Димовски
Нуно Еспирито Санто ќе остане на клупата на Вест Хем и покрај испаѓањето на клубот во Чемпионшип, откако раководството решило да му ја довери задачата експресно да го врати тимот во Премиер лигата.
Одлуката е донесена по состанокот на бордот на директори и португалскиот стратег.
„Имавме состаноци со главниот тренер Нуно Еспирито Санто на почетокот на оваа недела и со задоволство потврдуваме дека тој ја изрази својата посветеност кон клубот, исто како што и ние ја изразивме кон него. Нуно многу јасно стави до знаење дека е силно мотивиран за предизвикот да го врати Вест Хем Јунајтед во Премиер лигата уште во првата сезона. Тоа мора да биде недвосмислената цел за следната сезона. Нуно претходно има една сезона во Чемпионшип и таа беше извонредно успешна, откако со Вулверхемптон освои 99 бодови и ја освои титулата во 2018 година“, напишаа од клубот.
Испаѓањето претставува тежок финансиски удар за лондонскиот клуб, кој според англиските медиуми би можел да загуби околу 200 милиони фунти приходи. Поради тоа се очекуваат и сериозни промени во играчкиот кадар, а веќе се шпекулира и со можно заминување на капитенот Џерод Боуен.
Покрај резултатската криза, Вест Хем со години има проблем и со односот со навивачите, особено по преселбата од „Аптон Парк“ на „Лондон Стадион“, потег кој голем дел од фановите никогаш целосно не го прифатија. Раководството сега се обидува да ја смири ситуацијата и надвор од теренот, па најавено е и намалување на цените на сезонските билети за дури 30 проценти во обид повторно да се врати довербата кај навивачите пред стартот на новата сезона во Чемпионшип.




