Нуно: Далеку сме од пласман во ЛШ, ве молам без прерана еуфорија

Нуно Еспирито Санто и неговиот Нотингем Форест славеа со убедливи 2-4 на гостувањето кај Ипсвич Таун, со што „шумарите“ стигнаа до 54 бода на премиерлигашката табела и делуваат дека се во одличен налет да обезбедат пласман во Лигата на шампионите. 

Иако тимот е во солидна форма и е вистински хит во првенството, португалскиот стратег замоли да не се создава еуфорија, со цел да ги фокусира играчите на најважниот дел од сезоната. 

„Не сум човек што влегува во еуфорија и секогаш сакам смирено да ја вршам својата работа. Играчите се најзаслужни за нашиот моментален пласман, но тоа може да ни се удри од глава ако не бидеме добри во последниот дел од сезоната. 

Имаме славна традиција во европските купови, но не заборавајте дека Форест одамна не бил во таа конкуренција. Ќе одиме чекор по чекор и ќе се бориме до крај за пласман во Лигата на шампионите.

Нашите ривали будно ќе го чекаат секој наш кикс, се надевам дека ќе успееме во нашата главна цел“, изјави Еспирито Санто. 

Нотингем Форест во следното коло ќе се сретне со екипата на Манчестер Јунајтед. „Шумарите“ досега забележаа 16 победи, шест ремија и седум порази. До крајот на сезоната имаат уште девет натпревари за одигрување.