• Саше Љолес
Глазгов Ренџерс и Селтик одиграа ново возбудливо „Олд Фирм“ дерби во шкотскиот Премиершип, а на крајот градските ривали го поделија пленот во ремито со конечни 2-2 (2-0).
Натпреварот од 29. коло донесе одлична игра на двете страни, а повеќе можат да жалат „полицајците“, кои испуштија двојна предност од првото полувреме. Португалецот Шермити го отвори резултатот со прекрасен гол со „ножички“ во осмата минута, а потоа истиот играч стрелаше и за 2-0.
Ренџерс имаа двојна позитива по само половина час игра, но во вториот дел му дозволија на ривалот целосно да се врати во резултатска смисла. Киран Тирни намали на 1-2 во 57. минута, а конечните 2-2 ги постави Јапонецот Рео Хатате, кој најпрво не реализираше пенал, но успеа да ја затресе мрежата во вториот обид.
Нашиот репрезентативец Бојан Миовски беше на клупата за резерви и не доби шанса да втрча на теренот. Градските ривали направија нов чекор наназад во однос на водечкиот Хартс, но битката за плеј-офот и шампионската титула е уште целосно отворена.


