Новото засилување на „чеканите“ е голем човек: Обезбеди бонус за сите во Брентфорд

Еден од најдобрите алжирски фудбалери Саид Бенрама доцна синоќа го официјализира својот трансфер во редовите на Вест Хем Јунајтед. 

Неговиот премин во редовите на „чеканите“ беше договорен уште пред два дена, но поради проблемите со медицинските прегледи, истиот беше реализиран во финишот од последниот ден од трансфер-периодот во Англија. 

Иако првично се пишуваше дека се работи за комплетен трансфер од скоро 30 милиони евра, сепак, Бенрама оваа сезона ќе ја игра како позајмен фудбалер (5 милиони), додека следното лето трансферот ќе биде официјализиран за 25 милиони евра. 

Сега веќе неговиот поранешен клуб Брентфорд имал долгови кон 25-годишниот офанзивец, кој по заминувањето во редовите на „чеканите“ се откажал од тие средства и како што пишуваат британските медиуми во знак на благодарност побарал од клубот тие пари да ги подели со сите членови.

Така, „бонуси“ ќе добијат тренерите, персоналот, администрацијата... односно секој што му помогна на Алжирецот со француски корени да го исполни својот сон од детството и да заигра во Премиер лигата.