• Иван Димовски
Селекторот на Холандија, Роналд Куман, откри интересна анегдота што му ја раскажал Ноа Ланг за тренерот на Наполи, Антонио Конте, за кого италијанските медиуми веќе некое време пишуваат дека има сериозни тензии со дел од фудбалерите. Според весникот „Ил Матино“, сè поголем број играчи се незадоволни од Конте, особено од неговите методи на тренинг и недостигот на комуникација со тимот. Иако претседателот Аурелио Де Лаурентис неодамна јавно му изрази поддршка, италијанските медиуми продолжуваат да пишуваат за затегнатата атмосфера во соблекувалната.
Еден од незадоволните е и летното засилување Ноа Ланг, кој пристигна од ПСВ за 25 милиони евра плус бонуси. По тешкиот пораз од 6-2 токму од неговиот поранешен клуб во октомври, Холанѓанецот откри дека од доаѓањето со Конте разговарал само еднаш.
Сега, Куман откри и уште една необична ситуација што дополнително ја потврдува дистанцата меѓу тренерот и играчите. На прес-конференцијата пред квалификацискиот натпревар на Холандија против Полска, селекторот изјави:
„Разговарав со Ноа во септември и го прашав како му оди во Италија, а тој ми одговори: „Веќе 28 дена сме во тренинг камп, а сè уште не сум видел ни една топка““.
Ноа Ланг во Наполи главно е резервист, а игра без вистински учинок на теренот. Во дресот на шампионот тој забележа 11 настапи од стартот на сезоната.










