Ново правило на ФИФА: Мундијалот во Катар со подолги мечеви!?

Светското првенство (СП) кое ќе се игра во Катар ќе се одржи во невообичаен термин - ноември и декември - а, исто така може да биде и уникатно ако ФИФА го изгласа новото правило кое го разгледува.

„Кориере дело спорт“ од Италија пишува дека во ФИФА сметаат дека натпреварите треба да траат подолго од актуелното. Истражувањата кои се воделе во изминатиот период покажале дека од 90 минути на натпреварот, фудбал се игра 54,61 минути и така се бара решение.

Целта е да се надополни „мртвото време“ кое настанува поради прекините. Една од идеите е минималното судиско надополнување да биде десет минути, а тимовите да добијат право на пет измени.

На ова Светско првенство (СП) сите екипи ќе може да имаат 26 играчи во ростерот. Мундијалот ќе се игра од 21 ноември до 18 декември.