• Зоран Мишевски

Барселона на почетокот на април ја чека ново „Ел Класико“, а натпреварот против Реал Мадрид од полуфиналето на Купот на Кралот најверојатно ќе го пропушти дефанзивецот Андреас Кристенсен, поради повредата со која се здоби на отворањето на квалификациите за ЕП.
Синоќа Данска ја победи Финска со 3-1, а дефанзивецот Андреас го напушти теренот по само 18 минути. Само што излезе, неговото загрижено лице јасно покажа дека не се работи за полесна повреда. Тестовите на кои беше подложен веднаш штом заврши натпреварот ја потврдија најлошата прогноза, повреда на потколеницата која ќе го оддалечи од терените од три до четири недели. Фудбалерот денес веќе се враќа во Барселона за да ја заврши проверката на дијагнозата и прогнозата под надзор на медицинскиот штаб на Барса. Но, веќе на сите им е јасно дека ќе го пропушти реваншот од полуфиналето на Купот на Кралот, против Реал Мадрид, кој ќе се игра на петти април.
Чави Хернандез исто така не може да смета на играчот од средниот ред Педри и крилниот напаѓач Осман Дембеле, кои исто така се повредени. Чави има алтернативи за покривање на местото на Кристенсен, а во преден план е Маркос Алонсо, кој може да игра на неколку позиции во одбраната, а тука е и Ерик Гарсија, кој не влева голема самодоверба поради неговата несигурност во играта.