Новитет на СП: Играчите ќе можат да ги анализираат своите настапи преку апликација

ФИФА

Интернационалната фудбалска федерација (ФИФА) објави дека во соработка со Унијата на фудбалери развива апликација, преку која сите учесници на Мундијалот во Катар би можеле да ги следат своите настапи, бројки и да ги анализираат добрите и лошите страни.

Податоците треба да бидат достапни веднаш по завршувањето на натпреварите, вклучувајќи информации за „каде и колку често играчот се нуди, ги минува противничките линии со додавање или врши притисок врз противникот кој ја има топката“...

ФИФА сака да им помогне на репрезентациите и индивидуалците да ги подобрат своите перформанси со согледување на позитивните и негативните страни по секој настап. Податоците потоа ќе можат да се споделат на социјалните мрежи, заедно со фотографии од моментите на теренот.

Светското првенство оваа година за првпат ќе се одржи во зима. Франција ќе ја брани светската титула од пред четири години.