• Горан Упале
Новиот светски клупски шампион Челзи со победа ги заврши мини-подготовките за новата сезона. „Сините“ од Лондон поради настапите на Светското клупско првенство во Соединетит Американски Држави одигра само два контролни натпревари пред стартот на Премиер лигата и запиша нова победа, овој пат поубедлива.
На „Стемфорд Бриџ“ момците на Енцо Мареска со сигурни 4-1 го совладаа составот на Милан, во натпревар во кој голови постигнаа новите засилувања во нападот. Жоао Педро по фантастичниот финиш на американско тло, беше стрелец и против „росонерите“, а два гола постигна и засилувањето од Ипсвич, Лиам Делап.
Натпреварот во Лондон го одбележа младиот фудбалер на Милан, Андреј Кубис, кој имаше кошмарно деби во дресот на италијанскиот гигант. Масимилијано Алегри му даде шанса од првата минута против Челзи, а тој целосно потфрли. Прво, во петтата минута си постигна автогол, а само тринаесет минути подоцна го собори Жоао Педро и заслужено доби црвен картон. Инаку, 21-годишниот дефанзивец минатата сезона настапуваше за У23 тимот на Милан и одигра 34 натпревари, во кои заработи осум жолти и два црвени картони.
- Извештај од натпреварот:
Челзи новата сезона во Премиер лигата ја започнува на свој терен против Кристал Палас, додека Милан тргнува против Бари.



