Новиот соиграч на Алиоски: „Лидс е поголем проект од Манчестер Јунајтед

Амбициозниот Лидс Јунајтед пред неколку дена го претстави своето најголемо засилување оваа зима, откако го договори потписот на младиот напаѓач Жан-Кевин Аугустин.

Иако на маса имаше понуда и од Манчестер Јунајтед, сепак 22-годишниот напаѓач донесе одлука кариерата да ја продолжи во тимот од Јоркшир, а денес откри зошто ја избра понудата од Лидс, а не онаа од Јунатјед. 

„Не ми беше тешко да ја донесам оваа одлука. За мене како играч ова беше најдобриот план и најдобар проект. Гледав неколку натпревари на Лидс и ми стана јасно дека можам многу лесно да се вклопам во нивната игра. Висок пресинг, посед на топка и многу трчање. Тоа ми се допаѓа. Имав уште една или две понуди, но едноставно не сакав да заминам во клуб само заради неговото име. Лидс игра офанзивно, креира многу шанси, а тоа мене најмногу ми одговара“, рече Аугустин.

Напаѓачот на РБ Лајпциг на Островот премина на позајмица до крајот на сезоната, па тогаш ќе се одлучи дали ќе го откупат договорот на играчот.