Нови турбуленции во Партизан: Мијатовиќ неочекувано му врачи отказ и на Стојаковиќ

Фудбалскиот клуб Партизан ќе го доведе својот четврти тренер по доаѓањето на „Радна Група“ и Предраг Мијатовиќ во Хумска. По Саво Милошевиќ и Срѓан Благојевиќ, отказ доби и Ненад Стојаковиќ, по само шест натпревари поминати на клупата на „црно-белите“, дознава „Спорт клуб“ од сигурни извори.

Стојаковиќ, кој беше префрлен од Телеоптик на испразнетата позиција тренер на Партизан на 22 ноември по неочекуваното отпуштање на Благојевиќ, забележа три победи и два порази пред зимската пауза. Му беше доверено да го води тимот на подготовките, а кога се врати и запиша разочарувачко реми без голови против Раднички од Ниш, беше отпуштен.

Ова е шеснаесетта промена на тренерот на првиот тим на Партизан во последните 11 години, односно откако Марко Николиќ првпат ја напушти клупата. „Црно-белите“ се втори на табелата, еден бод зад Црвена Звезда. Тимот во сабота ќе игра против Радник во Сурдулица, а наскоро треба да се знае кој ќе стои покрај аут линијата.