ВИДЕО: Нови снимки – еве зошто Агуеро го нападна фанот на Виган!

Синоќа, лидерот и најверојатно новиот шампион на Премиер лигата, Манчестер Сити  загуби една битка за овосезонски трофеј, откако сензационално беше елиминиран од „малиот“ Виган Атлетик (1-0).

По мечот домашните фанови влетаа в терен да прослават со своите херои, но имаше и такви кои ги провоцираа разочараните „граѓани“. Главна мета им беше Серхио Агуеро, кој пак, загуби контрола и се реши да удри по еден фан на Виган, па синоќа целиот свет го осуди овој чин на аргентинскиот ас. 

Сепак, изгледа дека ситуацијата со Агуеро не е така „црно-бела“ како што мислевме. Утрово се појавија нови снимки кои го појаснуваат овој инцидент. На овие видео записи може да се виде како Аргентинецот двапати добива удар во главата, а според очевидци неколку пати бил и плукнат, па затоа мораше да преземе нешто за да се заштити. 

Дефинитивно не е во ред еден професионален фудбалер да постапи како Кун Агуеро, односно да крене рака по навивач, но исто така никако не смее да се дозволи фанови да влетаат в терен додека на истиот има противнички фудбалери. Сега се очекува да се изјасни Фудбалската асоцијација на Англија и да соопшти со каква казна ќе се соочат учесниците во овој инцидент.