• Саше Љолес
Иако Жозе Мурињо се врати на клупата на Реал Мадрид со задача да ги среди работите во тимот, проблемите во соблекувалната очигледно сè уште не се минато. Според информациите на неколку медиуми, неодамна дошло и до физички конфликт меѓу двајца првотимци, чии имиња не се објавени.
Новинарот Антон Меана тврди дека атмосферата во соблекувалната и понатаму е напната, и покрај обидите на Мурињо да воведе поголема дисциплина по неговото враќање во Мадрид.
Ова не е првпат да има тензии меѓу фудбалерите на Реал. Во мај дошло до физички конфликт меѓу Федерико Валверде и Орелиен Чуамени, а и претходно имало несогласувања меѓу дел од играчите и тренерскиот штаб.
Мурињо во меѓувреме се соочува со дополнителен проблем, овојпат поврзан со Килиан Мбапе. Французинот предвреме го напушти репрезентативниот камп поради повреда на тетивата на левото колено, но за време на опоравувањето бил забележан во ноќен клуб во Париз, а потоа и како вози велосипед на швајцарските Алпи.
Таквото однесување не му се допаднало на Мурињо, кој неодамна јавно зборуваше дека на своите фудбалери не им дозволува активности со зголемен ризик од повреда, како скијање или возење велосипед.
Тренерот по враќањето на Мбапе во Мадрид имал сериозен разговор со напаѓачот и му укажал дека мора да биде повнимателен со однесувањето надвор од теренот. На Мурињо наводно не му се допаднало ниту тоа што Мбапе во понеделникот пристигнал дури откако тренингот на екипата веќе завршил.
Французинот во средата повторно тренирал со соиграчите и се очекува да биде во конкуренција за саботниот натпревар против Виљареал.
Реал Мадрид под водство на Мурињо има пет победи во првите седум кола од Примера, но во моментов заостанува шест бода зад Барселона. По дуелот со Виљареал, мадриѓани ги очекува и гостувањето кај Рома во Лигата на шампионите.








