ВИДЕО: Новара го шокира Бари и се избори за полуфинале на плеј-офот

Во првиот плеј-оф натпревар за промоција во Серија А, Бари на македонскиот интернационалец Јакимовски загуби 3-4 по продолженија, откако мечот заврши 3-3 (0-2). Бараж мечот игран на „Свети Никола“ во Бари беше чуден дуел во кој Бари се врати од 0-3 на почетокот од второто полувреме, до 3-3, но на крај сепак загуби.

Со трите гола на Гонзалез гостите од Новара водеа со 0-3 до 59. минута од натпреварот. Потоа на сцена стапи бившиот фудбалер на Торино и Зенит, Росина и со два гола (еден од игра и еден од пенал) намали на 2-3. Позајмениот фудбалер од Интер, Пушкаш во 84. минута израмни на 3-3 и го внесе мечот во продолженија. 

Бугаринот Андреј Галабинов во 114. минута го постигна голот за победа на Новара од 3-4 и пласман на оваа екипа од областа Пјемонте во полуфиналето од доигрувањето за промоција во Серија А, а противник ќе и биде Пескара. Подвигот добива уште повеќе на тежина ако се знае дека победата е остварена со човек помалку по исклучувањето на Дикман на почетокот на второто продолжение.