ВИДЕО: Новак донесе предност на полувреме, но Вардар го загуби и вториот „тест“ меч во Аланија

Фудбалерите на Вардар го одиграа и вториот натпревар од зимските подготовките во Аланија, Турција. Македонскиот вицешампион, по поразот од Иртиш Павлодар, попладнево немаа решение ниту за Сумгаит од Азербејџан, кој на крај славеше победа од 3-1. 

На полувреме се замина со предност на вардарци, откако азербејџанската мрежа ја затресе дефанзивецот Новак во 31. минута. Сепак, во вториот дел азербејџанскиот тим направи пресврт, и тоа во првите десетина минути од второто полувреме.

После една нафрлена топка, Дасдамиров со глава го совлада Илиќ во 53. минута. Потоа во 57. минута по една соло акција, Некафов убаво се ослободи од Манев и успеа да погоди во голот за целосен пресврт. Пред крајот на средбата беше досуден и пенал за противникот кој беше реализиран за конечните 1:3. Сигурен реализатор беше Мамадов.

ВАРДАР 1. ПОЛУВРЕМЕ: Гачевски, Тошевски, Новак, Наумчевски, Жуниор, Игњатов, Али, Најдовски, Димовски, Омерагиќ, Лира.

ВАРДАР 2. ПОЛУВРЕМЕ: Илиќ, Брдаровски, Манасиевски, Манев, Тодороски, Велковски, Ѓурковски, Мицевски, Цветаноски, Колевски, Ибиши.

Најтрофејниот македонски фудбалски колектив во Анталија ќе одигра уште неколку тест меча, а следниот на програмата е за шест дена, која силите ќе ги одмери со украинскиот тим Александрија, а на 2 февруари ќе се игра со Черно Море од Бугарија.