ВИДЕО: Новајлијата Хот го израдува Пелистер, „пандевци“ надиграни во Битола

Пелистер ја отвори новата сезона во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) со тесна победа над Академија Пандев (1-0). Битолчани беа подобар ривал во сите 90 минути и искористија една од неколкуте шанси за да слават во првото коло.

Зоран Штерјовски го наполни стартниот тим со новајлии, а се одлучи за густ среден ред и едне класичен напаѓач. Слична стратегија од првата минута постави Таневски, со тоа што шанса им даде на последните летни засилувања Радески, Серафимов и Димовски, а Маркоски остана на клупата.

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Пелистер атрактивно до прв гол во ПМФЛ, мајсторија на Хот

Во пријатното битолско попладне, двете екипи почнаа агресивно и со силно темпо. Во четвртата минута Марио Крстоски ја здрма стативата со удар од голема дистанца. Од првата шанса Пелистер поведе во осмата минута. Бојан Илиевски проби по десната страна и убаво центрираше, а засилувањето од Нови Пазар, Анес Хот со инстиктивна реакција ефектно го совлада младиот Ачлевски (1-0), по асистенција на Бојан Илиевски.

По постигнатиот гол Пелистер доби на самодоверба, играше подобро и во 23. минута беше блиску до втор погодок. Пејаковиќ проби по десната страна, убаво центрираше, а Алчевски со интервенција со нога во последен момент спречи сигурен гол пред Танушев. Последните пет минути од првиот дел минаа во знакот на „пандевци“. Најзрелата шанса во овој период ја имаше Радески, кој доби топка од Крстовски и биеше од непосредна близина, но Талески одлично интервенираше. Пелистер остави подобар впечаток и заслужено на одмор замина со минимална предност. 

Продолжението донесе бавна и неефективна игра на двете страни. Хот имаше можност да постигне втор погодок, но на крај ја затресе пречката на гостите по корнерот на Танушев. Истиот фудбалер имаше свој обид и шутираше покрај голот. во 52. минута Гостите направија неколку промени, а деби за тимот имаше Кире Марковски. Ниту тоа не промени ништо, бидејќи темпото падна, што повеќе им одговараше на домашните фудбалери. Ефективната игра беше сведена на минимум, сите обиди со удари од дистанца на струмичани завршија високо над голот и резултатот не се промени ни по шест минути надополнување. За битолчани во вториот дел дебитираше и Алдаир Нето. Судијата Стојчевски добро го водеше натпреварот, подели пет жолти картони, а пожолтеа и двајцата тренери Штерјовски и Таневски. 

Пелистерци на крај минимално прокнижија прволигашки бодови по пауза од две години и осоколени ќе гостуваат кај првиот лидер сезонава, кратовски Силекс. Струмичани ќе се обидат да го променат бодовното салдо во второто коло, кога ќе го пречекаат Вардар.

<<< - ПОВРЗАНО - Снајди се, па гледај – како „Чкембарите“ го следеа Пелистер во ПМФЛ?