• Горан Упале

Фудбалскиот клуб Новаци зад себе има сезона која слободно може да се нарече – вистинска приказна за опстанок и пресврт.
Само неколку дена пред стартот на првенството, клубот се наоѓаше во исклучително тешка ситуација. Новаци имаше едвај десет фудбалери на располагање, беше во сериозна организациска и финансиска криза, па дури и под стечај со долг од околу пет милиони денари. Се чинеше дека иднината е неизвесна, а настапот во Втората лига доведен под знак прашалник.
Сепак, работите брзо почнаа да се менуваат. Со доаѓањето на новата управа, предводена од Пеце Коруновски, клубот застана на здрави нозе. Во краток временски период беше составен конкурентен тим, на чело со искусниот стратег Дарко Крстески, во кој пристигнаа искусни фудбалери со прволигашко искуство.
Тоа веднаш се одрази и на теренот. Новаци од тим кој се бореше за опстанок, прерасна во екипа која знаеше како да победува и да се надигрува со сите ривали. Во текот на сезоната, тимот запиша дури 15 победи, надополнети со шест реми исходи и девет порази.
На крајот, Новаци заврши на седмото место – позиција која ја сместува екипата во „златната средина“ на табелата, но и јасно покажува колку голем исчекор е направен ако се земе предвид од каде тргна клубот.
Факт е дека Новаци изоде трнлив пат, но исто така е факт дека овој клуб денес повторно е стабилен второлигаш со јасна визија и темели за уште подобра иднина.


