Бразилецот кој е на проба проработи, Беласица сигурна против Кожуф

Екипата на Беласица извојува уште една победа на пријателските натпревари во пресрет на вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, во кој ќе има тешка задача да го избегне дното на табелата и да обезбеди опстанок во елитата. 

Струмичкиот тим во денешниот контролен дуел со Кожуф запиша рутинска победа од 2-0, со голови постигнати уште во првиот половина час. Момците на Ѓоре Јовановски одиграа квалитетни деведесет минути и со својот пристап кон играта не дозволија изненадување какво што беше на стартот на подготовките, кога загубија од второлигашот Тиквеш.

Единствен стрелец за Беласица на овој дуел беше Бразилецот Барбоса кој е на пробен период и погоди за 2-0. Претходно, резултатот го отвори фудбалер на Кожуф, постигнувајќи си автогол.

За Беласица натпреварот со Кожив беше четврт во рамки од зимските подготовки, а покрај поразот од Тиквеш одигра без голови со Њу Старс, а со сигурни 3-0 го совлада составот на Плачковица.