• Мартин Танасковски

Екипата на Пари Сен Жермен уште еднаш ги разочара своите навивачи. По поразот од Рен на домашен терен, од „Паркот на принцовите“ со полн плен си замина и Лион (0-1) од дерби-пресметката во рамки на 29. коло од Лига 1.
Актуелниот владетел во Лига 1 остана да се бори уште за овој домашен трофеј. Сепак, никој не е одушевен од играта на скапо платените ѕвезди од Париз, затоа што играат ужасно и досега имаат пет порази во лигата во која е предвидено да доминираат.
„Лавовите“ одиграа одлично, а му парираа на ПСЖ цела средба. Уште во првото полувреме Лион имаше прекрасна можност да постигне гол, ама Александар Лаказет го промаши пеналот во 39. минута. Сепак, во второто полувреме Бреди Баркола погоди во 56. минута во мрежата на Донарума. Бледиот ПСЖ во понатамошниот дел од мечот немаше шанса за гол.
По крајот на натпреварот, крајно нервозна реакција имаше Лионел Меси. Аргентинецот избега од теренот и не замина да ги поздрави навивачите. ПСЖ е на врвот во Лига 1 со 66 бода, зад него се Ленс и Марсеј со по 60 бода. До крајот на Лига 1 има уште девет кола, па ќе биде супер-интересно.
На останатите натпревари во француската лига, Лил на домашен терен беше сигурен со Лориен (3-1), со идентични 3-1 победи и Брест против Тулуз, три бода освои Клермон против Ајачио (2-1), а највозбудливиот натпревар го одиграа Монако и Стразбур и заврши со резултат 4-3, откако домаќините на пауза губеа со 1-2.
Победнички си замина и Реимс од кај Нант (3-0), единствената средба без победник беше онаа на Анже и Ница (1-1).