• Иван Димовски

Црвените аларми се веќе вклучени во Ливерпул, откако во последните четири кола доживеа трет пораз во Премиер лигата. „Црвените“ на Клоп овојпат загубија убедливо кај Вулверхемптон (3-0). Средбата на „Молинеу“ понуди два рани погодоци, а потоа и уште еден за потврда на кризата на Ливерпул и домашното славје.
- Вулверхемптон - Ливерпул 3-0:
Матип уште во петтата минута си даде автогол, а само седум подоцна Досон удвои на 2-0 за Вулверхемптон. Првиот дел не понуди нови резултатски промени, следеа доста измени, па третиот погодок падна во 71. минута преку Рубен Невес. Ливерпул одново покажа бледа партија, па по поразите со по три примени гола против Брентфорд и Брајтон, на низата се надоврзаа и „волците“.
Тешка победа извојува Манчестер Јунајтед, кој на својот „Олд Трафорд“ го совлада Кристал Палас со 2-1 (1-0). Бруно Фернандеш рано донесе предност со гол од белата точка, за по нешто повеќе од час игра Рашфорд да зголеми на 2-0. Сепак, драмата почна кога Касемиро доби црвен картон откако фати противник за врат во 70. минута. Шест подоцна Шлуп успеа да намали на 2-1 и Кристал Палас се врати во игра. Иако гостинот притисна, не успеа да се врати до егал против „ѓаволите“.
- Манчестер Јунајтед - Кристал Палас 2-1:
На останатите терени Лестер ја совлада Астон Вила (2-4), Брентфорд беше сигурен со Саутемптон (3-0), а Брајтон минимално триумфира со Борнмут (1-0).