• Иван Димовски


Македонската фудбалска репрезентација продолжува со настапите во новата сезона на Лигата на нации, а во третото коло од Б-сегментот ја очекува домашен дуел против Шкотска. Натпреварот ќе се одигра в сабота на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток од 20:45 часот.
Избраниците на Гоце Седлоски не го започнаа натпреварувањето според посакуваниот план. Македонија прво загуби убедливо од Швајцарија со 0-3 на домашен терен, а потоа без постигнат гол остана и во Љубљана, каде Словенија славеше со 2-0. Така, по првите две кола нашата селекција е без бод и без постигнат погодок.
Токму затоа дуелот со Шкотска носи дополнителна важност. Македонија ќе има уште една можност пред својата публика да дојде до првите бодови, но и да ја прекине серијата без постигнат гол во ерата на Седлоски. Вкупно шест натпревари нашиот национален тим не знае за гол. Селекторот по дуелот со Словенија најави можни новитети, вклучително и повикување фудбалери од младата репрезентација, а во комбинација за настап повторно е и Езџан Алиоски.
Сите квоти во MOZZART за натпреварот меѓу Македонија и Шкотска
Шкотска, пак, во првите две кола освои само еден бод. На стартот одигра без голови против Словенија во Љубљана, а потоа на домашен терен доживеа убедлив пораз од Швајцарија со 0-3. Шкотите дополнително беа отежнати од раното исклучување на Џек Хендри, кој доби црвен картон уште во 11. минута.
За Македонија ова ќе биде и прва средба со Шкотска по повеќе од 13 години. Двете репрезентации досега одиграле четири натпревари, со две победи за Шкотска, една за Македонија и едно реми. Последниот меѓусебен дуел се одигра во 2013 година во Глазгов, кога Шкотите славеа со 2-1.
Сега ситуацијата е поинаква. Македонија влегува во мечот со јасна потреба да го поправи впечатокот од првите две кола, додека Шкотска ќе бара бодови со кои би останала во трката за повисок пласман во групата.






