Нова неверојатна приказна од Шведска: Клуб без трофеј на чекор од историска титула!

Во Шведска се пишува уште една неверојатна фудбалска приказна. Само една година откако Мјелби, клуб од местото Халевик со околу 1.500 жители, сензационално ја освои титулата во Алсвенскан, оваа сезона на врвот се наоѓа Сириус, клуб кој во својата историја никогаш не освоил трофеј.

Сириус по дваесет одиграни натпревари има дури девет бода предност пред второпласираниот Хамарби и е на добар пат да направи историски успех. Тимот од Упсала, сепак, имаше тежок период во последните недели, бидејќи четири натпревари не знаеше за победа, одигра реми со Бромапојкарна, а загуби од Мјелби, Хакен и Малме.

Но, поразот на Хамарби во градското дерби со АИК повторно му даде крилја на Сириус. Лидерот во саботата славеше со 1-0 на гостувањето кај Вестерос и повторно направи голем чекор кон титулата.

Интересно е што Сириус во својата историја никогаш не освоил трофеј. Најблиску бил во 1924 година, кога играше финале на тогашниот Куп на Шведска, додека подоцна освојуваше трофеи само во пониските рангови, четвртата, третата и втората лига.

До крајот на сезоната има уште десет кола, а Сириус има огромна предност. Дополнителна тежина носи фактот што во претпоследното коло ќе игра токму против Хамарби. Доколку дотогаш продолжи со победи, можно е титулата да биде обезбедена уште пред големото дерби.