Нова неочекувана одлука на ФИФА: Мечот Белгија – Јапонија ќе го суди Сенегалец

Светската фудбалска федерација (ФИФА) продолжува со контроверзните одлуки кога во прашање се арбитрите на Светското првенство во Русија, откако за осминафиналето меѓу Белгија и Јапонија делегираше судија од Сенегал.

Ако Белгија со три победи во групната фаза повеќе од заслужено се пласираше во нокаут-фазата, Јапонија до место меѓу 16-те најдобри на светот стигна преку новото правило на ФИФА – фер-плејот. „Самураите“ имаа ист број на бодови, гол разлика и постигнати голови како Сенегал, па се активираше четвртото правило, кое за првпат во историјата се имплементира во Русија. Јапонците имаа помалку картони од Сенегал, што беше одлучувачки фактор за елиминацијата на африканската селекција од овој Мундијал. 

Токму заради овој податок, одлуката на ФИФА да го делегира Маланг Џеџју од Сенегал да ја дели правдата на мечот меѓу Јапонија и Белгија е малку контроверзна, но сепак спортски е да оставиме простор и да видиме како 45-годишниот анонимус ќе го одработи осминафиналниот меч кој на програмата е утре во Ростов од 20.00 часот. 

Светските медиуми веќе пишуваат дека се работи за очигледен конфликт на интереси, но првиот човек на судиската организација на ФИФА, Пјерлуиџи Колина пред некој ден изјави дека со својот живот го гарантира кредибилитетот на сите судии на Мундијалот во Русија.