• Горан Упале
Не е невообичаено НБА ѕвездите да следат фудбал, Леброн Џејмс е акционер на Ливерпул, a за „сокерот“ на различни начини се интересираат уште неколку славни кошаркари.
На пример, Харден е голем љубител на фудбалот, рече дека често станува навечер да гледа натпревари од Лигата на шампионите. Последен во низата е Кевин Дурент. Го освои своето четврто олимписко злато во Париз и реши да инвестира токму во францускиот гигант. Француските медиуми пренесуваат дека работата е пред официјализирање, и кошаркарската ѕвезда ќе стане еден од малцинските сопственици на Пари Сен Жермен.
Тој реши да инвестира во фудбалот, во клубот во кој мнозинскиот пакет акции е во рацете на државата Катар. Минатата недела, за време на престојот во ОИ, тој беше на ручек со претседателот Ал-Келаифи, го посети тренинг центарот на клубот и „Паркот на Принцовите“, па оваа вест не е неочекувана.
Инаку, ПСЖ освен во фудбалот има и клубови и во ракомет, џудо, женски фудбал и е-спорт. Кошарката е многу популарна во главниот град на Франција, но новиот евролигаш Париз, нема никаква врска со ПСЖ.