• Мартин Танасковски
Шведскиот фудбал оваа сезона изненади со низа неочекувани приказни, а по сензационалната титула на Мјалби, на површина излегува уште еден неверојатен успех. Tимот на ГАИС од Гетеборг го направи своето најголемо достигнување во последните децении.
Едно коло пред крајот на шампионатот, ГАИС математички ја обезбеди третата позиција на табелата, со што официјално ќе ја претставува Шведска во квалификациите за Конференциската лига во сезоната 2026/27, заедно со Хамарби. Новокрунисаниот шампион Мјалби ќе настапи во квалификациите за Лигата на шампионите, додека четвртиот шведски претставник во Европа ќе биде познат по завршницата на Купот на Шведска следната година. Можно е во европските натпреварувања да се пласира и четвртопласираниот тим, што ветува голема драма во последното коло од лигата.
Она што го прави подвигот на ГАИС уште поимпресивен е фактот што пред почетокот на сезоната многумина го гледаа тимот во борбата за опстанок. Сепак, клубот од Гетеборг не само што обезбеди место меѓу најдобрите, туку заврши пред гиганти како Малме, Хакен и АИК од Стокхолм, а уште поважно, пред својот лут градски ривал, ИФК Гетеборг.
ГАИС, клуб основан во 1894 година, моментално има пазарна вредност од околу 10,2 милиони евра, што го рангира на 11. место меѓу 16-те елитни клубови во земјата. Но, финансиската разлика не беше пречка за овој тим да создаде своја приказна.
Со крајот на сезоната, клубот ќе замине на заслужена пауза, а во Шведска каде лигата се игра според календарска година до новиот старт на првенството и првите европски предизвици остануваат уште околу девет месеци.


