ФОТО: Нова ера во Хајдук, легендарниот Гатузо пристигна во Сплит

Новиот тренер на Хајдук, Џенаро Гатузо, денес пристигна во Сплит, каде беше пречекан од претседателот на клубот Иван Билиќ. 

46-годишниот италијански стратег ќе биде официјално претставен пред медиумите во вторник во 16:00 часот, а по пристигнувањето на сплитскиот аеродром изјави дека е среќен што постигнал договор со хрватскиот гигант. 

„Чест ми е што сум овде. Се работи за голем клуб со богата и долга традиција. Базата на навивачи е огромна и знам дека ќе имаме голема поддршка. Мора сите да се фатиме за работа, за да го вратиме Хајдук таму кајшто припаѓа“, кратко изјави Гатузо. 

Доаѓањето на легендарниот Италијанец беше големо изненадување за многумина во Хрватска, но Хајдук има големи амбиции за следната сезона и повторно сака да го нападне самиот врв, односно да ја освои шампионската титула и да ја прекине доминацијата на Динамо.