• Иван Димовски

Фудбалерите на Милан доживеаја нова бламажа во италијанската Серија А, откако на својот „Сан Сиро“ претрпе убедлив пораз од Сасуоло од 2-5 (1-3). Средбата од 20. коло беше исклучително интересна, а „неровердите“ успеаја да направат голем подвиг и му удрија нова шлаканица на актуелниот првак на Италија.
- Извештај од натпреварот:
„Росонерите“ отворија добро и беа поактивни на стартот, а бргу постигнаа и гол преку Оливие Жиру кој беше поништен поради офсајд. По одбивањето на воведниот притисок, Сасуоло успеа со „блиц-криг“ да дојде до двојна предност. Доменико Берарди двапати делеше асистенции низ збунетата одбрана на Милан, а Дефрел и Фратези стрелаа во мрежата на Татарушану во 19. и 21. минута. Иако Оливие Жиру мајсторски со глава го матира Консиљи за враќање на Милан во игра, следеше нов шок. Корнер изведе Траоре, па Берарди остана заборавен и погоди за ново двојно водство (1-3).
Второто полувреме започна катастрофално за Милан, бидејќи по само 40 секунди капитенот Калабрија направи пенал. Лауриенте кој го изнуди, успеа и да го реализира ударот од 11 метри за 1-4 во 47. минута. Нова надеж на култниот стадион во Милано донесе Анте Ребиќ по еден слободен удар, меѓутоа пак се вмеша ВАР собата и пронајде спорен офсајд. По серијата измени, пукна и „петардата“ откако Берарди му асистира на Матеус Енрике за петти гол во мрежата на шампионот во 79. минута. Само две подоцна, вистинска мајсторија изведе Дивок Ориги, кој од околу 20 метри откосо даде ефектен гол, меѓутоа бадијала бидејќи негативата беше превисока.
Милан е во ужасна серија од пет натпревари без триумф во сите натпреварувања. „Росонерите“ во Серија А имаат 38 бода и се моментално четврти, меѓутоа Лацио и Рома кои имаат по еден помалку играат денес.