• Горан Упале
Младиот напаѓач на Евертон, Мартин Шериф, се најде во центарот на афера со обложување, откако ја призна одговорноста за користење сметки преку кои биле уплатувани облози на фудбалски натпревари во вредност од два милиони евра.
Англиската фудбалска асоцијација (ФА) спроведе дисциплинска постапка против фудбалерот, но одлучи да не му изрече суспензија, туку парична казна до 5.000 фунти.
Според наводите на ФА, Шериф бил директно или индиректно поврзан со вкупно 61 облог во периодот од 20 ноември 2024 до 12 февруари 2026 година. Во текот на постапката тој тврдеше дека лично не уплатил ниту еден од спорните облози, но призна дека биле користени сметки регистрирани на негово име и дека самиот обезбедувал пари за нивно финансирање.
Дисциплинската комисија ги зела предвид признанието и искреното каење на фудбалерот, што влијаело врз конечната одлука да не биде казнет со забрана за настап. Шериф минатата сезона се врати во Евертон по позајмицата во Порт Вејл, но во актуелната натпреварувачка сезона сè уште нема настап за првиот тим на клубот од Ливерпул.
Случајот повторно го отвори прашањето за обложувањето во англискиот фудбал, каде што во изминатите години беа водени дисциплински постапки и против познати имиња како Ајван Тони, Киран Трипие, Даниел Стариџ и Сандро Тонали.




